Во стрип-албумот ,,КАНТАНА” епизода ,,ЗА ОДМАЗДА ПОВЕЌЕ”, авторот Јовчевски ве носи во оние познати постулати на класичниот вестерн: широка прерија по која јава осамен јавач, поштенски кочии, возови со парни локомотиви, ловец на уценети глави, бескрупулозни бандити, измамени и убиени индијанци, индијански одмазници, каубојци истерувачи на своја правда, салун со пијаници и дами за забава... Стожер на приказната е ликот на Бил Балука од Индијанците наречен Кантана (гробар). На почетокот на приказната тој е младо момче чиј татко е убиен, речиси пред неговите очи, а десеттина години подоцна тој се преобразува во одмазник на виновниците за неговата лична несреќа, но и на заштитник на Индијанците и на другите жртви на насилниците од секаков род и вид, присутни во тоа време и на тој простор.